Дали успехот зависи од Вашиот Круг на луѓе?


Имате ли чувство дека се дружите со погрешни луѓе? Имате ли чувство дека не се движите на вистинските места на кои би сакале. Дури и кога сè околу Вас изгледа добро, не сте потполно задоволни. На сила правите работи кои не ги сакате – а ги правите само затоа што ги прават и Вашите пријатели. Тоа е навистина непријатно чувство и е резултат на Вашиот круг на луѓе со кои се дружите!
Доколку тие се членови на Вашата фамилија – не можете да се ослободите од нив, ниту да изберете нови роднини. Исто така ограничени сте и во изборот на вашите другари од детството или од училиште. Но затоа, можете да го изберете вашиот круг на пријатели и да најдете нови со кои ќе се дружите.
Во англиската литература за оваа намена се користи терминот peer group. Доколку проверите во Webster Dictionary, зборот peer group означува група луѓе од приближно иста возраст, со сличен социјален статус и слични интереси. Одредени вакви групи повеќе се одржуваат заради интересот или она што ги зближува, отколку поради фамилијата или поради други вообичаени институции. Поедноставно е кога членовите на кругот се со приближна иста возраст и социјален статус, но тоа не е задолжително.
Зошто Вашиот Круг на луѓе е поважен отколку што мислите?
Дали се сеќавате кога бевте мали и кога вашите родители ви велеа дека треба да се дружите само со добрите деца? Родителите секогаш се загрижени за друштвото кое ќе го избереме во детството. Тие едноставно се обидувале да се осигурат дека нема да западнеме во проблеми. За нив било доволно доколку не се движиме во лошо друштво и им било јасно дека таквото друштво значително можело да влијае на нас.
Ние стануваме слични на луѓето со кои го поминуваме најголемиот дел од времето. Или, уште подобро кажано, ние стануваме она на чие влијание сме изложени најголем дел од времето. Ова значи дека слушањето на досадни радио програми, гледање вести на ТВ или читање весници со лоши вести, на подолг период влијае на нас и на нашата потсвест.
Спротивно на ова, читањето на мотивирачки книги, читањето на корисни и современи информации, гледањето на програми, филмови и презентации кои ве надградуваат може да биде од значителна корист за Вас. Всушност, 50% од мојот круг на луѓе редовно читаат книги, голем дел од нив следат литература од автори кои јас сум ги препорачал. Веројатно поголемиот дел од времето го минувам со нив, отколку со сите останати мои пријатели заедно. И ми се допаѓа што тоа е така.
Што претставува Круг на луѓе?
Во медиумите честопати можете да сретнете споредба на два или повеќе инвестициски фондови. Во овие споредби се споменуваат конкретни специфични фондови. Важно е да се потенцира колку се тие цврсто поврзани со одреден круг на луѓе. Гледано од овој аспект, круг на луѓе претставува специјализирана група на луѓе со заеднички интерес кои секогаш инвестираат во истиот тип на фондови или области од светот или еднакво големи компании или во компании по некоја друга слична категоризација.
Дали ова им помага да заработат повеќе пари?
Да. Еве и зошто.
Трите кучиња
Замислете дека имате три кучиња. Една минијатурна пудлица, една обична пудлица и една огромна пудлица. Однадвор гледано, тие изгледаат многу слични една на друга, но се разликуваат по нивните одлики. Во трка на кучиња, сигурно би биле последни. Во натпревар во трагање со јазовец сигурно нема да уловат ништо. Доколку се натпреваруваат со птичар, нема ни да се доближат до некоја птица. Големата пудлица е поголема и посилна од наведените тркач, јазовичар и птичар. Но што вреди кога го имате погрешното куче за на лов.
Кога одите на лов, не ви треба пудлица, туку потребен Ви е загар, сетер или друг вид куче, во зависност од тоа што сакате да уловите. Аналогно на ова, кога Вашите тешко заработени пари ги инвестирате во инвестициски фондови го одбирате оној фонд кој најмногу одговара на целите кои сакате да ги постигнете со парите за определен период. Се разбира дека ќе сакате да го извадите максимумот од Вашата инвестиција. Вашата крајна финансиска цел некогаш може да се промени, а со тоа ќе се промени и начинот на кој ќе сакате да стигнете до таа цел, односно ќе се промени инвестицискиот фонд преку кој ќе сакате да ја постигнете целта.
Не е потребно да бидете некој кој има огромен круг на пријатели. Наместо тоа, можете да одржите една мала група на блиски пријатели.
Избегнувајте озборување, не трошете го времето седејќи со други луѓе кои немаат работа и постојано зборуваат за девојки или фудбал. Трошењето време нема да Ви помогне да стигнете онаму каде што сте тргнале.
Како да ја изберете групата?
Вашиот живот можете да го направите поедноставен, забавен и ефикасен доколку го изберете вистинскиот круг на луѓе. Можете самите да креирате нов круг на луѓе или да се придружите на веќе постоечки круг.
Со цел да влеземе и да бидеме прифатени од нашиот круг на луѓе, ние ја жртвуваме нашата уникатност и им даваме приоритет на работите кои самите нас нè прават она што сме. Некои работи ги правиме затоа што сакаме да бидеме дел од таа група. Со самото стареење стануваме посвесни за тоа кои сме и што сме и што можеме да му понудиме на општеството, како можеме да го искористиме сопствениот потенцијал и на крајот, како да блеснеме.
Кои се целите на одреден Круг на луѓе? Причината за постоењето на одреден круг на луѓе е на членовите да им дава поддршка, кога е потребно од нив и да бара поддршка, совет, разбирање, средства, помош и сл. Вистинскиот круг на луѓе од вас ќе бара да создавате прилики, а истовремено и ќе ви овозможува нови прилики. Пред да се приклучите на одреден круг на луѓе, потребно е да утврдите дали вашите цели се во согласност со целите на тој круг на луѓе.
Што очекувате од одреден Круг на луѓе? Утврдете ги вашите цели и потреби пред да започнете да го барате соодветниот круг на луѓе. Размислете дали од групата барате поддршка или само сакате да побарате помош?
Бидете искрени. Немојте да се лажете ниту себеси. Немојте да губите ниту време, ниту средства. Порано или подоцна вистината ќе излезе на виделина.
Колку е активен одреден Круг на луѓе? Дали кругот на луѓе сè уште постои и е активен? Обидете се да утврдите објективно мерило. Кои се нивните активности и како членовите се поддржуваат меѓусебно?
Вашиот круг на луѓе може да Ве повлече наназад
Најголемиот дел од времето можете да го минувате со Вашата фамилија. И најголемиот дел од луѓето со кои Вие контактирате, најверојатно најголем дел од времето минуваат со своите најблиски. Претпоставувам дека и најголемиот дел од Вас го правите истото.
Доколку луѓето од Вашиот круг се дебели, Веројатно и Вие ќе сте!
Не се шегувам! Ова е и научно докажано. Доволно е Вашиот најблизок пријател да има пријател кој е дебел и со тоа шансите да се здебелите веќе Ви се зголемени за 20%. А се работи за човек со кој воопшто и не се познавате лично!
Моќта на влијанието на околината, на Вашиот Круг на луѓе, или на Вашата средина, како и да ја наречете оваа група на луѓе, ќе го има најголемото влијание на целокупниот Ваш живот.
Кој е во Вашиот Круг на Луѓе и со кого го минувате најголемиот дел од времето?
Овде не зборуваме за времето кое го минувате со Вашите клиенти или бизнис соработници.
Вашиот Круг на луѓе се луѓето со кои не само што минувате најголем дел од времето, туку оние луѓе со кои ги делите сфаќањата и мислењето и за кои најмногу се грижите. Овие луѓе се оние кои најмногу ќе ви се најдат и ќе се потрудат да Ви помогнат кога ќе се најдете во неволја.
Тоа се луѓето со кои патувате, со кои секојдневно јадете, со кои се смеете и со кои можеби заедно тагувате или плачете.
Овие луѓе го имаат најголемото влијание на Вашите животи и на скоро секој поединечен аспект на Вашиот живот.
Кои се Вашите очекувања за Вас лично, за Вашиот живот и Вашиот бизнис? Дали се тие доволно успешни да бидат на врвот или се едноставно просечни?
Од Вашиот круг на луѓе, кои се нивните очекувања од животот и од бизнисот, но што е уште поважно, кои се нивните очекувања од Вас?
Доколку очекувањата кои ги имате од животот и од бизнисот далеку ги надминуваат очекувањата на оние кои се директно околу Вас, ќе водите тешка битка со нив и ќе ви разниша самодовербата во себе.
Овие луѓе ќе Ве одвраќаат од успехот, повторувајќи ги следните фрази:
“Овој бизнис го работиш веќе една година и досега ништо не се променило. Можеби е време да си најдеш друга работа”.
“Не треба да се дружиш со тие луѓе, тие ионака немаат ништо ново да ти понудат, само си губиш своето драгоцено време”.
“Мислам дека нема да најдеш ниту еден заинтересиран за да го купи твојот производ, заборави, безнадежен случај си”.
Или можеби знаете други слични вакви фрази кои честопати ги слушате од Вашите пријатели. Овие луѓе се обидуваат да ве одвратат од намерите бидејќи тие се плашат од тоа како на нив ќе влијае Вашиот успех. Тие може да се почувствуваат уназадени, кога работите за вас ќе тргнат напред.
Доколку Вашиот круг на луѓе Ве влече наназад, тогаш најдобро е да се ракувате и да се збогувате со нив.
Лекција која можеме да ја научиме од една жаба
Една група жаби минувала низ шумата. Две од нив паднале во длабока дупка. Останатите жаби се собрале околу дупката со цел да им помогнат да излезат. Кога виделе колку е длабока дупката, тие сфатиле дека нема да биде можно да ги извадат двете жаби и решиле да се откажат.
Двете жаби од дупката ги игнорирале коментарите на другите жаби и се обидувале со сета своја сила да излезат надвор. За тоа време сите други жаби им велеле да се откажат и дека им нема спас. По некое време, едната од жабите се откажала од скокање и се помирила со фактот дека ќе умре во дупката.
Другата жаба продолжила да скока колку што можела повисоко. Жабите од горе уште погласно викале по неа да се откаже од своите обиди. Но ова уште повеќе ја охрабрувало жабата и конечно на крајот успеала да скокне доволно високо за да излезе од дупката. Кога излегла, останатите жаби ја прашале дали не ги слушнала кога ѝ велеле дека не може да успее. Жабата им објаснила дека мислела дека цело време од горе ја охрабрувале и тоа ѝ дало повеќе сила за да може да скокне високо.
Упорноста и силната желба ќе ве одведат до успехот кој го посакувате 
Луѓето околу Вас ќе Ве критикуваат и ќе се обидат да ве обесхрабрат. Тие ќе се трудат да се откажете кога она што го правите го сметаат за невозможно. Тие дури и може да викаат на цел глас по Вас за да се откажете. На Вас е дали ќе ги послушате или не. Всушност, доколку вложите доволно напор и останете целосно фокусирани на успехот, тогаш и воопшто и нема да ги слушнете критиките упатени до Вас.
Бидете лидер
Поставете стандарди за тоа што може да постигнете во Вашиот живот. Поставете граници што можете да постигнете во животот или во бизнисот. Постигнатото споредувајте го со она што сметате дека можете да го постигнете, а не врз база на она што другите велат дека можете да го постигнете. Доколку постојано се споредувате со нечии други стандарди, дотаму и ќе стигнете. Секогаш трудете се да постигнете повеќе од она што другите очекуваат. Најдобрите спортисти секогаш се натпреваруваат сами со себе, за нив не постои граница и токму затоа и постигнуваат такви резултати.
Доколку станете лидер со пример, ќе им помогнете на другите околу Вас да размислуваат поинаку за она што можат да го постигнат во животот.
Aвтор: Дејан Спасески e координатор на веб страната Водич за Неформално Образование. За повеќе информации, посетете го веб порталот http://www.no.net.mk/.
текстот е превземен од http://www.statija.mk/archives/5049

  • Digg
  • Del.icio.us
  • StumbleUpon
  • Reddit
  • RSS

0 comments:

Post a Comment