Самодисциплината кон парите

Самодисциплината кон парите

Самодисциплината кон парите
На почетокот на осумдесеттите години од минатиот век, направен е еден експеримент со кој требало да се покаже кој е најважниот фактор за успех во животот. Во Стенфорд, еден професор по психологија собрал група од четиригодишни деца за овој експеримент. Тој секому од децата му задавал задача, ги оставал сами во просторија и потоа скришно ги набљудувал.

Немојте да го јадете манчмелоуто
Задачата за секое четиригодишно детенце било да остане само во просторијата со едно манчмелоу на масата пред него, за време од петнаесет минути. Професорот им рекоа, доколку, кога ќе се врати, манчмелоуто било сè уште тука, детето како награда ќе добиело уште едно. Значи петнаесет минути подоцна ќе има две и тогаш ќе може да ги изеде и двете. Да му се каже на четиригодишно дете да чека 15 минути за нешто што неизмерно сака, е еквивалентно како на возрасен човек да му кажеш дека ќе му донесеш кафе за два часа. Што се случило кога професорот си заминал од собата? Штом се затворила вратата, две од три деца го изеле манчмелоуто. Изржале пет секунди, некои десет секунди, четириесет, педесет секунди, две минути, четири минути, осум минути. Некои издржале 14 и пол минути. Но сепак, не успеале да издржат 15 минути. Не можеле да чекаат.

Она што е интересно е дека едно од три деца ќе го погледнеле манчмелоуто, ќе го помирисале и ќе ги покриеле очите за да не го гледаат. Повторно ќе го погледнеле и ќе го оставеле на масата. Нервозно шетале наоколу низ собата. Си играле со своите алишта и покажувале очигледни знаци на нестрпливост.

Децата кои издржале, уште на четиригодишна возраст, го разбрале најважниот принцип за успех. Тоа е способноста за одложување на наградата. Поседувањето на самодисциплина, најважниот фактор за успех. Петнаесеттина години подоцна, направено е дополнително истражување. Се обиделе да ги најдат истите деца што сега имале 18 или 19 години. И откриле дека 100% од децата кои не го изеле манчмелоуто се успешни во кариерата. Имале добри оценки. Добро им одело во работата, биле успешни во кариерата. Биле среќни. Имале планови за иднината. Имале добри односи со наставниците и со другите ученици.

Голем процент од децата што го изеле манчмелоуто, биле во понезавидна состојба. Некои од нив не се ни запишале на факултет. Имале лоши оценки. Некои од нив се запишале па се отпишале. Неколкумина биле со лоши оценки уште во основно училиште.

Мотивациониот спикер и тренер, Јоаким де Посада има издадено книга со истиот наслов: Не јадете го манчмелоуто. Тој истиот експеримент го повторил во државата Колумбија, во Јужна Америка. Јоаким де посада си го поставил прашањето дали хиспано децата ќе реагираат на ист начин како американските? И отишол во Колумбија и го повторил експериментот. Резултатот бил ист. И во Колумбија, која толку е поразлична од САД, децата го повториле истиот резултат. Било многу смешно. Имало четири, пет и шест годишни деца. Кај хиспано децата, две од три го изеле манчмелоуто. Едно од три не го изело.

Едно од девојчињата ја изело само внатрешноста на манчмелоуто и повторно го вратила остатокот на маса. Со други зборови, сакала да ги измами дека не го изела за да добие уште едно. Но, сепак го изеде. За неа Посада, шеговито тврди дека ќе биде успешна, но потребно е да се биде внимателен и не препорачува таа да работи во банка или на каса во продавница.
Според Де Посада одложувањето е применливо насекаде. Тој тврди дека ова важи во сите аспекти на животот и е неопходно за успех во животот.

Тајната на успехот е да бидеме трпелливи и дисциплинирани кога се работи за награда. Да бидеме самодисциплинирани кога се работи за нашата награда, за она што ни следува. Да знаеме како да го одложиме моментот на задоволство и уживање.
Самодисциплината можеме да ја сметаме како показател за успешноста. Затоа е потребно истата да ја тренираме и развиваме во нас.

Мудро трошење

Парите не се цел сами по себе. Постојат и други важни работи во животот освен парите. Како поединец треба мудро да управуваме со парите за да ги постигнеме поставените цели. За мудро трошење, потребно е да бидеме дисциплинирани и да трошиме само на работи кои ни се неопходни во животот. И обратно, доколку сакаме мудро да располагаме со парите во животот, најдобро место од кое треба да започнеме е нашата сопствена дисциплина. Ова е сегментот во кој сиромашните луѓе се непослушни.
Ова не важи само за возрасни, туку и за студенти и деца. Доколку вредноста на парите ја разбереме во младите години, подоцна нема да се чувствуваме дека светот на парите се свртел против нас.

Попуштање на волјата

Од друга страна, сите сме обични луѓе од крв и месо. Тоа значи дека од време навреме попуштме пред самите себе и сме жртви на сопствената недисциплина. Некогаш, кога нашата волја попушта, паѓаме многу ниско и кога се одлучуваме да купиме нешто за што сме се заколнале дека нема да го купиме. А, доволно е само да го одминеме и да се однесуваме според планот за трошење.

Доколку не успеете да си воспоставите организиран пристап и да направите план, тогаш очекувајте да западнете во проблеми. Како резултат, ќе плаќате превисоки камати за долгови. Непотребно ќе се изложите на финансиски ризик и ќе губите уште повеќе пари. Еден ден нема да имате средства за школување на вашите деца. Уште полошо, нема да можете да си ги платите сметките дома. Ваквата состојба ќе ве доведе до чувство, дека Ве очекува несигурна старост.
Всушност, самодисциплинирањето со парите може да го направиме многу забавно. Повремено може да се наградуваме себеси со мали награди како компензација за откажувањата и одложувањата кои ги правиме само за да не ја прекршиме нашата финансиска диета. За успешна диета, едноставно треба да се обидеме да се држиме до нашиот буџет.

Самодисциплина

Спротивно на сценариото со запаѓање во долгови, би било сценариото кога би имале организиран пристап и навреме изработен план за менаџирање на парите. Со правилното менаџирање со парите можеме многу полесно да се справиме и со краткорочните и со долгорочните трошоци за живот.
За одржување на самодисциплината со личните финансии, потребна е дополнителна енергија, повеќе и од вообичаената енергија која ја трошиме во секојдневната работа, за фамилијата или за одржување на куќата. Затоа ќе биде потребно да црпиме од дополнителните резерви, имајќи предвид дека сè она што го правиме ќе биде исплатливо на долги патеки. Потребно е да бидеме насочени кон успехот, да ја контролираме самодисциплината, да се одржуваме мотивирани.
Како и за секое друго жртвување, нема лесен начин за постепено да го апсорбирате гневот или пак целосно да го анулираме. Наместо тоа, многу е подобро да се соочиме со реалната состојба и да утврдиме колкав е износот на пари кој ќе ни даде чувство дека постојано имаме пари кај себе. Откако ќе го утврдиме овој износот, може да започнеме да ја тренираме нашата дисциплина. Притоа треба да се трудиме, постојано кај себе да го имаме износот на пари со кој ќе се чувствуваме посигурни.

Тренирање на самодисциплината

Доколку сакате да ја подигнете Вашата самодоверба и да ја подобрите вашата самодисциплина истовремено, обидете се да го направите следниов опит.
Одете во Вашата банка. Извадете во готовина износ од најголемиот апоен на банкнота, кај нас тоа е 5.000 денари. Ставете ја бaнкнотата во новчаникот. Потоа следува најважниот момент. Никако немојте да ја потрошите.

Во следните неколку месеци обидете се во својот новчаник постојано да ја имате оваа банкнота од 5.000 денари. Не одлучувајте се лесно да ги потрошите овие. Дозволено е да влегувате во продавници, да разгледувате работи кои Ви се допаѓаат, да размислувате колку Ви се потребни и колку посакувате да ги купите, но не купувајте. Што мислите колку пари ќе заштедите со тоа што повеќе нема лесно се предавате на импулсното купување?

Нека овие 5.000 денари бидат Вашиот личен мотив. Тоа ќе ви даде неверојатна самодоверба за да знаете дека можете да си дозволите да купите многу работи, но само доколку сакате. Обидете се самите да ги контролирате парите. Не дозволувајте тие да ве контролираат Вас. Постојано тренирајте ја сопствената дисциплина за да не ги трошите парите неконтролирано.

Во новчаникот носете и други пари. Оние 5.000 ќе ги наречеме “пари во карантин.” Другите пари се парите од вашиот буџет.

Ништо друго од ова нема повеќе да ви даде поголема самоувереност и дисциплина. Ова е најдобра алатка за да ја скротите Вашата финансиска дисциплина.

Доколку сакате да имате повеќе пари во животот, потребно е да научите како да ги контролирате парите и да го контролирате нивното трошење. Потребно е постојано да ја подобрувате Вашата финансиска писменост и знаењето за парите. Потребно е да ја градите и одржувате Вашата дисциплина. Со претходно наведениот пример, можете да ги направите и двете одеднаш: и да ја подобрите финансиската писменост и да научите како да го контролирате трошењето на парите.

Патот до успехот

Стратегијата е во секое време да можете на дадените жртви да гледате како нешто позитивно и продуктивно. Затоа е потребно да бидете оптимисти и на ова да гледате како на инвестиција за вашата иднина и за вашата независност. Увидете кои се предностите и извлечете поука од наученото. Не се обесхрабрувајте од почетните грешки и учете од нив. Вашите жртвувања и вашите грешки сметајте ги како скалила кон Вашиот успех.
Вашиот успех е она што го правите и што си го давате себеси. На успехот можете да гледате како на награда, како нешто што веќе е прикачено на вашето име, но во суштина го заслужувате и можете да го присвоите за себе. Затоа направете експеримент со себе и најдете го успехот кој ве чека и потоа зграпчете го. Понекогаш ќе бидете сурово тестирани, но секогаш ќе треба да ги стиснете забите, да ги стегнете тупаниците и да се борите. Во ваквите времиња, едноставно исклучете го мозокот за сите негативни информации и продолжете да се движите кон својата цел и кон визијата која ја имате во главата. Сето ова е полесно да се каже, отколку да се направи, но патот до успехот е долг и тежок.

Aвтор: Дејан Спасески e координатор на веб страната Водич за Неформално Образование. За повеќе информации, посетете го веб порталот http://www.no.net.mk/.

статијата е преземена од  http://www.statija.mk/

  • Digg
  • Del.icio.us
  • StumbleUpon
  • Reddit
  • RSS

0 comments:

Post a Comment